Матурантите повторно на протести против државната матура Иницијативниот одбор за укинување на државната матура од понеделник најавува протести и блокади на улиците, а од среда или четврток и генерален средношколски штрајк, незадоволни од резултатите од пробната матура. - Седумдесет отсто паднаа на само два испитни предмета. Што ќе правиме во јуни кога ќе полагаме пет предмети, а се уште не ни е кажано ниту кои точно ќе бидат, изјави Михаил Младеновски, претставник на Одборот.
Околу 100 ученици од неколку средни училишта и денеска се собраа пред Министерството за образование и наука, но собирот се растури зашто не бил најавен и зашто матурантите дошле спонтано и неорганизирано.
- Од МОН бараме заеднички компромис. Овојпат тие да го преземат првиот чекор да не викнат на преговори за средношколците да се смират и проблемот да се затвори. Решение на проблемот е да се укине матурата која не беше најавена кога се запишувавме и за која се уште нема концепција, а остануваат уште три месеци и нема време да се подготвиме, додаде Младеновски.
Тој најави дека деновиве до Уставниот суд ќе поднесат иницијатива за преиспитување на Законот за средно образование од октомври 2004 година зашто тој е донесен по нивното запишување во средно образование.
Аргумент за нивното барање според него е што се уште нема ниту бодовна концепција меѓу факултетите и Министерството колку бодови ќе носат резултатите од државната матура.
Министерството за образование и наука, пак, не отстапува од одлуката за полагање државна матура во јуни.
Министерот Сулејман Рушити денеска на Економскиот факултет за медиумите изјави дека матура мора да има зашто таа била предвидена согласно европските стандарди. Тој како што рече, не гледа причина за протести на матурантите.
__________________ The diplomacy is the best thing to solve a conflict. |