Апелација потврди дека Бачило е организиран коруптивен синџир Скопска апелација ги намали затворските казни за актерите во криминалната афера Бачило и денационализација. На сите инволвирани во коруптивниот скандал, освен на двајца, казната им е намалена линеарно за по една година. Мозокот на операцијата, нотарот Никола Стојменовиќ ќе остане во затвор 13 години. Овчарот Иснифарис Џемаили за незаконската наплата на 720 илјади евра од државата за гранатираните овци ќе помине во затвор три и пол години. На останатите обвинети казните од три им се намалуваат на две години - на заменик министерот Саша Андоновски, нотарката Гордана Ракочевиќ, адвокатката Ленче Димчевска, нотарот Михаил Ќосев и Емилија Алексовска од катастар.
Сите тие, утврдиле апелационите судии, му помагале на нотарот Стојменовиќ со парите од отштетата за овците да купува атрактивни локации по ниски цени, да ги препродава и незаконски да заработува милиони. Од две на година и пол е намалена казната за ветеринарот од Камењане, Мухамет Арифи, кој издавал лажни потврди за здравствената состојба на овците на Џемаили. Идентична е казната и за полицаецот Душан Стојанов кој прв излегол кај бачилата и направил лажен записник за наводното гранатирање на АРМ. Пензионерот Ордан Милановски е казнет со две и пол годишна казна. Обвинетите се задолжени да платат два милиона евра, но судот ќе ги конфискува и спорните парцели преку кои обвинетите нелегално заработувале. На адвокатите не им е јасно како апелација ги намалила линеарно казните - речиси за сите по една година, но денеска ниту еден од нив не сакаше јавно да полемизира околу одлуката. Во апелациониот суд за Канал 5 потврдуваат дека кај сите обвинети била утврдена вина дека биле дел од криминално-коруптивниот синџир.
__________________ The diplomacy is the best thing to solve a conflict. |