Даночната постапка е – тајна! Трката на медиумскиот пазар и во Македонија добива во интензитет и жестина.
Последно неподготвено медиумско „истрчување” е пласирањето во јавноста на податокот дека Управата за јавни приходи покренала широка акција за испитување на имотната состојба на првиот човек во државата – Претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски.
Пласирани се информации дека Главната Дирекција на Управата за јавни приходи испратила налози, класифицирани како „строго доверливи”, со барања до банките, штедилниците и до подрачните единици на Министерството за финансии да достават податоци дали кај Црвенковски и членовите на неговото потесно семејство, сопругата и двете деца, е евидентиран имот или е направена купопродажба, како и примероци од договорите за купопрдажба во последните пет години.
Вакви барања на УЈП биле доставени, како што беше објавено, и до надлежните финансиски органи во бившите ЈУ републики, а сега независни држави!
Forum.com.mk. денеска доби од УЈП официјално известување дека сé што може да биде предмет на даночна постапка или е предмет на даночна постапка е – даночна тајна!
Ако сакаме да бидеме цивилизирано општество, тогаш да почитуваме дека никој не е виновен додека неговата вина не се докаже.
Ако е тајна, таква и треба да остане. Не само за првиот човек на државата, па макар тој да е по име Бранко Црвенковски, чиј кабинет денес се огласи со соопштение до јавноста во кое, со право, негативно реагира ма објавените даночни тајни..
Но, стара вистина е дека „не е тајна што знаат двајца”, па затоа кртовите секогаш ќе имаат материјал за плетење непроверени приказни. Проблем е само што живеат под земја и не можат да ја видат светлината на денот. |