Св.Климент Македонија го празнува Свети Климент Охридски
08.12.2007
Македонија денеска за прв пат го чествува 8-ми Декември како државен празник во чест на Свети Климент Охридски, основач на Охридската архиепископија, основоположник на Охридската книжевна школа и творец на кириличното писмо.
Во македонското Собрание напладне ќе биде доделена државната награда Св.Климент Охридски - највисоко општествено признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитувањето, образованието, културата, уметноста, здравството, спортот, заштитата и унапредувањето на човековата околина и социјалната дејност.
Празникот се одбележува со богата програма, која започна утринава со Литургија во Соборниот храм Св. Климент Охридски во Скопје.
Пред храмот ќе биде откриен споменик на првиот поглавар на Македонската православна црква, архиепископот Доситеј, на сто годишнината од неговото раѓање.
Свечената академија ќе се одржи вечерва во Домот на АРМ во Скопје, на која свечено слово ќе одржи архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, а ќе бидат доделени и црковните одличја, Орден на Св. Климент.
Свети Климент Охридски е ученик на Светите Методиј и Кирил. Во охридскиот крај прво основа манастир во Белица, местото на првото епископско седиште. Во Охрид разви голема просветителска дејност. Имаше голем број ученици кои што ги препишуваа книгите со словенски букви.
Почина во Охрид, во 916 година. Неговите мошти, за кои се верува дека се чудотворни почиваат во некогашниот храм на Пресвета Богородица, кој што подоцна се нарече по Свети Климент.
Свети Климент Охридски е патронот на Охрид. |