Славковски дојде по пасош
*Тој ќе настапи за нашиот национален тим на дуелите со Естонија и Норвешка

Малку чудно, но вистинито. Големиот талент на италијанскиот шампион Интер, Горан Славковски вчера уживаше во познатото скопско кафуле "Алка". Напаѓачот, кој го доби прекарот "чудото од дете", во Скопје допатува со неговиот татко Раде Славковски и менаџерот Јозо Палац. Ова е вторпат "Швеѓанецот" да допатува во земјата од која има потекло откако пред околу една година имаше прием кај премиерот на Македонија Никола Груевски со цел да ја запознае нашата држава и да прифати да го облече нашиот национален дрес.
Славковски, неговиот татко, како и менаџерот уште еднаш ја покажаа нивната ладнокрвност кон македонските медиуми, не сакајќи да одвојат ниту пет минути од нивното "драгоцено" време за кусо интервју. Единственото нешто што изјавија е тоа дека на Славковски му заврши позајмицата во Шефилд и сега се враќа во Интер.
Сепак дознаваме дека тие не се случајно тука. Дојдени се за комплетирање на документацијата и добивање на пасош со што фудбалерот и официјално ќе настапува за Македонија. Тој ќе ги одигра последните два квалификациски меча за селекцијата до 21 година кај Мирсад Јонуз и тоа на натпреварите со Естонија и Норвешка.
За да биде се официјално треба да се почека. Славковски досега му удри три "корпи" на Јонуз и една на Катанец.