Вадење пасош само во Македонија "Македонија не ја вади од уста дијаспората, но прави чекори кои не ја врзуваат, туку ја одвраќаат од земјава. Последен таков потег е одлуката на Министерството за внатрешни работи да го запре издавањето патни исправи за нашите иселеници во амбасадите во странство, правдајќи го тоа со потребата да се осигура безбедноста на биометриските податоци, кои ќе бидат задолжителни за новите пасоши. Поедноставно кажано, од септември нашите конзуларни одделенија и амбасади нема да примаат барања за пасоши од иселениците, бидејќи МВР не сака да обезбеди мобилни биометриски станици кои би овозможиле податоците да се земаат надвор од земјата и по соодветни технички канали да се испраќаат во Македонија, па откако ќе бидат изготвени, да бидат вратени назад по дипломатска пошта. Министерството за надворешни работи за ваквата промена веќе ги известило нашите амбасади во странство, што значи дека македонските иселеници и тие на привремена работа на кои ќе им истече патната исправа ќе мора да доаѓаат во Македонија - еднаш за да дадат податоци и вторпат за да си ја земат патната исправа.
Претставници на МНР, поради ваквата бирократска крутост, неколку пати барале средба со одговорните во МВР, посочувајќи дека неиздавањето патни исправи во дипломатските претставништва во странство ќе испровоцира голема негативна реакција кај нашето иселеништво. Тие инсистирале да се обезбедат дополнителни биометриски станици со кои ќе можат да се собираат биометриски податоци и надвор од земјата, но од МВР не само што не биле расположени да го прифатат тоа туку ја отфрлиле и понудата на МНР само да ги обезбеди потребните технички услови, повикувајќи се на аргументот дека не можат да ја гарантираат безбедноста на податоците што ќе се прибираат. За илустрација, американската амбасада веќе подолг период собира податоци не само за своите граѓани туку и за сите баратели на визи во сите земји во светот со кои имаат таков режим, а Македонија има проблем да го обезбеди тоа за триесетина свои амбасади и за своите државјани." |