Петре М. Андреевски, истакнатиот македонски писател, почина утрово на 72-годишна возраст. Роден во селото Слоешница, Демир Хисар, дипломирал на Филолошкиот факултет во Скопје. Работел како уредник во Македонската телевизија, бил уредник на списанието „Разгледи“, бил претседател на Друштвото на писателите на Македонија, чиј член бил од 1964 година.
Во мај 2000 година станува член на Македонската академија на науките и уметностите, членувал во македонскиот Пен центар.
Пишуваше поезија, раскази, романи, драми и филмски сценарија. Негови книги поезија се збирките „Јазли“, „И на небо и на земја“, култната поетска збирка „Дениција“ од 1968 година, „Пофалби и поплаки“, „Вечна куќа“ и „Лакримариј“ од 1999 година.
Негови се книгите раскази: „Седмиот ден“, „Неверни години“, „Сите лица на смртта“ од 1994 година. Негови се најчитаните македонски романи: „Пиреј“, „Скакулци“, „Небеска Тимјановна“, „Последните селани“ и „Тунел“, објавен во
2003 година. Негови се драмите „Богунемили“ и „Време за пеење“, стиховите за деца „Шарам барам“ и „Касни порасни“.
Поезијата на Петре М. Андреевски е застапена во сите антологии на македонска поезија објавувани кај нас и во светот.
Неговите дела се преведени на повеќе јазици. Добитник е на високи книжевни и државни награди „11 Октомври“, „Браќа Миладиновци“, „Рациново признание“, „Стале Попов“ и „Книжевно жезло“.
Со смртта на Петре М. Андреевски македонската литература и култура изгуби еден од најзначајните творци, кој остави длабоки траги со своите врвни книжевни дела.