| Форум тинејџер
Регистриран: Apr 2007 Локација: Skopje, Makedonija, Macedonia. Возраст: 14 Популарност:  | колумни (или МИСЛЕЊА) од утрински! Пикадо со големите и малите, 23.6.2007
Неодамна водев разговор со еден мој колега дипломат, кој кај нас е претставник на една од најголемите и највлијателни европски држави. Ме посети во библиотеката. Зборувавме општо за геополитички прашања, за најновите ривалства меѓу САД и Русија, за нашето приклучување на НАТО, за новата одбранбена стратегија на ЕУ, за можните приоритети на Македонија на надворешнополитички план во иднина… Одненадеж ме праша дали при рака имам карта на светот. Секако, му реков. Ја ставив на маса.
Стоејќи над картата на светот, тој ми раскажа една анегдота. Значењето на кажаното ме мотивираше да барам соодветен начин да го преточам тоа во текст. Имено, тој во своите дипломатски контакти имал средби со руски дипломати. При една од тие средби, во релаксирана атмосфера и, секако, над картата на светот, рускиот дипломат побарал пикадо стреличка. Се оддалечил од картата, нанишанил и без мака ја погодил руската држава. Таа, како што знаеме, е распослана на 12-13-часовни зони. Дури и послаб стрелец не би имал поголеми проблеми таа огромна територија да ја погоди со пикадо. Е, откако го сторил тоа Русинот, го замолил европскиот колега да го стори истото тоа со неговата држава. Мојот соговорник се нашол во незгодна ситуација. Не било лесно да се погоди со пикадо во големата европска, но во светски размери малата држава.
Тој од оваа средба извлекол поука. Таа поука е во релација со реалистичкото разбирање на меѓународните работи и политика. Односно, дека големината и моќта на државата се многу значајни елементи во меѓународната комуникација и тие влијаат на нејзината позиција. Секако дека не се единствени елементи кои се потребни во меѓународното општење, но, како што реков, се значајни. Намерата на мојот пријател кога ми ја кажуваше оваа случка беше да провери како тоа ќе го доживеам јас кога ќе ја пропушти низ таа вертикала мојата држава. Да додадам, ми рече уште дека за време на три години, колку што престојува во Македонија, прв пат му се случило кога во некоја канцеларија ќе побара карта на светот, неговиот домаќин да ја има.
Поентата му беше дека ако тој има тешкотии да ја пронајде својата држава на картата, ние ќе имаме уште повеќе. И, да, признавам. Признавам дека е речиси невозможно да се погоди со пикадо делот што Македонија како држава го има како дел од вкупната површина на светот. Спомнувајќи дека никој од нас нема во своја близина карта на светот, тој сакаше да ми каже дека премногу сме затворени навнатре и дека димензиите кои се значајни во меѓународното комуницирање често ни бегаат од видокругот. Да не бев сигурен дека е добронамерен, да не го познавав добро, дури можев и да се навредам. Табиетот наш е многу често таков. Секоја критика, укажување, па и разномислие, ги земаме за зло и нелојалност и веднаш влегуваме во ровови. Но, јас одбрав да не го сторам тоа.
Свесен сум за нашата големина и за нашето значење во светските работи. Мали сме. Немаме битно влијание на големите текови. Имаме ограничени ресурси. Сублимирано, дури е мрачно колку е лошо низ оваа реална призма да им се пријде на работите. А не признаваме. Некако се' ние знаеме. Во се' се разбираме. Хммм… Се замислив. Како да го продолжам разговорот со мојот пријател? Ако сме толку мали и небитни, тогаш зошто воопшто дискутираме и зошто е тој тука?
Речиси истовремено со нашиот разговор, на другата страна на Атлантикот, се одвиваше изборот на Срѓан Керим за претседател на Генералното собрание на ООН. Позиција многу значајна во целокупниот систем на најголемата светска организација. Ако можам да направам послободен опис, Керим го бираа (и избраа) за претседател на светскиот парламент (описот е приспособен за да биде пошироко разбран). Оваа година правото да го даде претседателот на Генералното собрание на ООН го имаше Источноевропската група. Тоа право секоја година го добива друга група, односно ротира. Така се почитува некаква фер претставеност на државите од целиот свет. Групата која го делегира претседателот претходно внатре се договара и предлага свој кандидат. А гласањето на пленарна седница на Собранието е речиси формалност.
Според она што го знам, а е поврзано со претходно наведените категории од реалполитиката, ние како држава во овој процес на избор во групата држави на која и' припаѓаме, имавме минимални шанси за избор. И ова не е ширење никаков дефетизам. Од Русија на север до Грција на југ, со повеќе од дваесет држави, кои се во разни долгогодишни сојузи кои, како по правило, или не' исклучуваат или не' негираат. Да се потсетиме само на средината на минатата деценија кога самоуверено се кандидиравме за непостојана членка на Советот за безбедност. Бевме во натпревар со Словенија. И загубивме катастрофално со 3 - 4 пати помалку гласови од таа држава. Словенија е држава со сосема друга констелација на односи во меѓународната политика. И, иако со мали шанси за избор, сепак, ја придобивме групата консензуално да не' поддржи. На што се должи тоа? Доживеа ли македонската дипломатија некаков драматичен пресврт? Добивме ли наеднаш на значење во меѓународните односи? Не гледам ништо такво на хоризонтот. Сметам дека имавме среќна и единствена околност - нашиот кандидат да биде личност која може со своите карактеристики да ги анулира недостатоците кои на малите држави им ги носи реалполитиката и со својот настап да ги надмине границите на влијание кои нашата дипломатија ја врамуваат како минорна. Во овој случај акумулираното искуство и огромниот капацитет и личен кредит, за среќа, се ставија во интерес на Македонија.
Колку за пример ќе наведам дека Грција, свесна за значењето на функцијата која би ја добила Македонија, се обиде да ни спротивстави кандидат од Романија или од Украина. Па сепак, на крајот од процедурата, групата имаше само еден кандидат. Тоа многу кажува. Темата сега само ја начнав. Просторот толку ми дозволува. Ќе продолжам наскоро. Нагласувам дека во прикажувањето користам редукција, црно-бело сликање, егзактен израз и концизни реченици, првенствено поради ограниченоста на просторот.
Уште само да ги поздравам читателите и да ја искористам можноста да ја најавам мојата редовна колумна во „Утрински“. |