Темел на демократијата е правото на несогласување, всушност правото на поинакво мислење, во крајна линија правото на отпор. Подлогата врз која стои правото на отпор е почитувањето и, во вистинска смисла на зборот, применувањето на вољата на мнозинството.
Овие вредности на поредокот на слободни граѓани неизоставно треба да се искажуваат слободно и да се артикулираат во рамките на заемно прифатени правила.




Демократијата, особено либералната, има и други вредности и правила, почнувајќи од солидарноста, грижата за другите, но пред се од грижата правата на една единка или група да не ги загрозуваат правата на друга единка или група.
Редуцирано на просторот на еден воведник, тоа значи дека слободата е условена само со слободата на другиот.
Како што гледате, за Демократија се потребни двајца


, две слободни единки што ги ограничува само потребата да бидат дел од една хармонична целина.
Правото на мнозинството да ја спроведува својата јавно, слободно и на избори пред сите граѓани потврдена воља не е можно без правото на тие што според истите механизми, јавно, слободно и на избори искажале отпор, поинакво мислење.
Демократијата е медал со две лица, од кои ниту едното ниту другото, се додека се заедно, не се наличја.


Со други зборови, нема демократија без двете, без цело, тогаш има се.
Оттаму, ако во Македонија дојде до изместување на демократијата во несакани правци, не дај Боже едноумие - чиишто метастази се уште не држат заложници на минатото - историската одговорност ќе падне врз тој што своеволно, без оглед на намерите и добрата воља, ќе го наруши ова кревко единство на слободата. Во случајот опозицијата!
Диктатура е и кога политичкото малцинство ќе излезе од играта, ќе ги наруши правилата, едноставно ќе рече "не играм повеќе, сега кога не сум горе" и кога е губитник од истиот тој и таков едноумен синдром против кој се буни.
Македонија мина низ таков еден едноумен период среде демократија и по слободни избори, кога во 1994 година тогашната опозиција излезе од играта, одбивајќи да учествува до крај. Изборите тоа лето навистина беа проблематични, но не толку за да може туку-така да се отфрлат само оти резултатот во првиот круг, контаминиран од фалсификати, беше неповолен, без да се сфати дека во него имаше и голема доза разочарување од тогашната опозиција. Власта остана осамена и врз основа на изборен, за жал демократски, мандат правеше што сака.
Последиците на тоа едноумие ги трпиме и денес. Наместо да се продолжи со демократската битка и да се смени резултатот, опозицијата реши да ги озакони едноумието и тоталитарниот поредок втемелен врз основа на приватизацијата на нашата економија,

чијшто профит денес го мериме со бројот на тајкуни што не повелаат и со кои уште водиме битка.
Нова авантура од таков вид не ни треба. Граѓаните го кажаа своето на избори.

Правилата на демократијата се такви. Квантумот гласови не е подложен на каква и да е проверка, уште помалку суд дали е квалитетна или не определбата на избирачите. Таа е таква и трае до следната проверка. Единствена инстанца за жалба се токму граѓаните, тие што на избори се изјасниле токму така.
Нивната волја мора да се почитува инаку нема демократија, а со неа ќе исчезне и оваа малку и кревка слобода што ја имаме.
Ако навистина сака демократија, европска Македонија, стабилно општество и развој, опозицијата мора да се врати во играта. Отпорот се дава на терен, во парламентот, според правилата на играта.
Се’ друго дава само можност евентуалните изместувања на демократијата и ограничувањата на слободата да се оправдаат со неограничениот мандат препуштен без борба!! Мислам дека држи вода нели