Медведев: Не се плашам од нова Студена војна
26.08.2008 16:52

Дмитриј Медведев Рускиот претседател Дмитриј Медведев денеска изјави дека не стравува од нова Студена војна.
Тој претходно потпиша декрет со кој Русија и формално ја признава независноста на грузиските провинции Јужна Осетија и Абхазија, што наиде на неодобрување од западните земји.
„Потпишав указ за признавање на независноста на јужна Осетија и Абхазија“, изјави Медведев во обраќањето.
Рускиот парламент вчера побара од шефот на државата да ги признае отцепените Јужна Осетија и Абхазија.
„Ние сме должни да го поддржиме стремежот на народите на Јужна Осетија и Абхазија кон стабилност, мир и независност“, изјави вчера претседателот на Советот на федерацијата Сергеј Миронов за време на седницата.
Според него, по распадот на поранешниот Советски сојуз грузискиот Парламент со незаконска одлука ја лишил Јужна Осетија и Абхазија од автономија, што предизвикало граѓански отпор.
Француското Министерство за надворешни работи соопшти денеска дека „жали поради таквата одлука“ на Русија за признавање на Јужна Осетија и Абхазија како независни држави.
„Сметаме дека тоа е разочарувачка одлука и ја повторуваме нашата заложба за територијален интегритет на Грузија“, изјави портпаролот на МНР на Франција.