ТРОФЕЈОТ "МАКЕДОНИЈА", СЕПАК, ЌЕ СЕ ИГРА ВО САЛАТА "БОРИС ТРАЈКОВСКИ"
Кошаркарско "благодарам" за Премиерот!

Требаше да биде прес-конференција посветена за актуелниот момент во нашиот сениорски тим, промоција на Џеремаја Мејси, анализа на селекторот Јовица Арсиќ за досега сработеното,
но сето тоа се претвори во една голема благодарност. Едно уште поголемо олеснување за раководниот тим на КФМ, претседателот Даниел Димевски и Дејан Лекиќ, на останатиот дел присутен на собирот, пред с$е медиумски, откако стигна веста дека премиерот на Р Македонија, г. Никола Груевски, на негово инсистирање, добил согласност од Владата салата "Борис Трајковски" да им биде на располагање на нашите национални селекции.
Задоволството на лицата доволно зборуваше, дури и повеќе од зборовите на благодарност на претседателот Димевски.
"Пред што било да разговараме, морам да ве информирам дека на лично инсистирање на премиерот, салата 'Борис Трајковски' ни стои на располагање за сите квалификациски натпревари, вклучително и трофејот на Македонија. Конечно дојдовме до едно компромисно решение, варијанта да ја користиме салата со една цел да дојдеме до добар резултат"- изјави Димевски.
Потврди дека н$ очекува еден турнир на највисоко ниво, некогаш одигран во Македонија, со присуство и на играчи од НБА лигата.

Но во исто време Димевски повика да направиме една нова "навика", вакви настани да се проследат со платен билет, која во оваа пригода ќе има реално достапна цена.
"Ова н$ чини 30.000 евра, и искрено, ќе ни треба поддршка. Сите оние кои сакаат да ги гледаат овие натпревари, да купат билет, со што макар и делумно би ги покриле трошоците и догодина би организирале уште посилен турнир"- појасни Димевски
Очекувањата на КФМ се дека 10.000 продадени билети по цена од 200 денари би покриле добар дел од вложеното.
"Сакаме да воведеме една практика што досега не сме ја наметнале. За секој врвен натпревар да се купи влезен билет. Без тоа, искрено, нема функционирање. Сметаме дека 200 денари за целодневен билет е симболично. Зошто од сега не би изградиле една таква навика која одамна е пракса во Европа и светот?"- забележа предводникот на КФМ, кој не заборави да ја истакне и медиумската заслуга што овој проект ќе се реализира на едно високо ниво.
Генералниот секретар Дејан Лекиќ смета дека ова е едно реално ниво за органзиирање на еден ваков настан.
"Да, ова е веќе нешто реално и во оваа пригода би испратил голема благодарност до директорот на салата 'Борис Трајковски" г. Борис Змејковски, кој лично, на седница на Владата го образложи нашето барање кое беше прифатено, на наше големо задоволство. Дека таа сала е направена да им служи на спортистите од нашата земја"- кажа Лекиќ.
За оној спортски дел од активностите зборуваше селекторот Јовица Арсиќ.
"Многу тешко ќе ни беше да им образложиме на играчите зошто не играме таму во таа сала. Вака тој ефект ќе испадне и покорисен за играчите откако ќе дознаат дека сепак ќе играме таму.
Можеби во овој момент Романците се нешто послаба селекција, но Турција и Црна Гора се многу посилни. Можеби турнирот, вака силен, доаѓа прерано за нас, особено што мислев дека ќе се комплетираме порано, на време. Но затоа, пак, противниците и амбиентот треба да бидат мотив за сите да 'го извадат' максимумот од играчите во обидот да се совладаат такви репрезентации"- смета Арсиќ.
Б. Радуловиќ
ЏЕРЕМАЈА МЕЈСИ ПРЕД НОВИНАРИТЕ
Ќе бидеме вистински во вистинско време...
Делуваше и помалку збунето, но како што објасни Дејан Лекиќ, тоа е стилот на Џеремаја Мејси. Скромен, тивок, дури и премногу мирен во одредени моменти, оние надвор од теренот.
Новиот "Македонец" за првпат и официјално проговори пред македонските медиуми.
"Полека се навикнуваме едни на други, повеќе јас на соиграчите отколку тие на мене затоа што сум првпат во составот. Полека се запознаваме, од почетокот одеше малку тешко. Но сметам дека како ќе одминува времето, ќе бидеме еден добар тим. Дека ќе бидеме вистински тогаш кога тоа ќе биде потребно. Сите ние да дадеме с$ од себе и да го постигнеме тој очекувам резултат"- беше краток во своето прво обраќање, нашиот нов адут со потекло од САД, а во наредните три сезони дел од "кралскиот" Реал Мадрид.
ПРЕДРАГ САМАРЏИСКИ ПРЕСРЕЌЕН ШТО ЌЕ ЗАИГРА ВО НОВАТА САЛА
Чест е да се игра во салата "Борис Трајковски"
"Голема работа е што овој голем турнир сепак ќе го играме во новата сала 'Борис Трајковски'. Знам како ни беше нам, играчите, во овие денови кога постоеше можност да не се игра таму. Мене лично многу ми значи што ќе играме во новата сала во која очекувам да играм и во наредните 10 години во дресот на Македонија и да бележам успеси со мојот национален тим.
И тоа почнувајќи од оваа сезона, во која планираме да се пласираме на ЕП. Уште еднаш, голема чест е да играм во 'Борис Трајковски' затоа што знам дека голем број мои пријатели во Скопје одамна ме прашуваа за тоа, и ми кажаа дека ќе дојдат да н$ бодрат. Знам дека таа бројка е голема и нема да ја разочараме"- го кажа своето мислење нашиот висок центар.
На почетокот со Романците
Со оглед на "тумбањето" предизвикано со враќањето на "старата варијанта", да се игра во салата "Борис Трајковски, во КФМ мала неподготвеност околу техничките детали во организацијата на турнирот.
Но затоа, пак, познат е распоредот на натпреварите. Тој вели дека на отворањето на Трофејот, в сабота (20.30 часот), Македонија ќе игра против Романија.
Ден подоцна, в недела, во истиот термин играме против Турција, додека, пак, турнирот го затвораме на 18 август, со дуелот со селекцијата на Црна Гора.
Нема ТВ преноси од "Трофејот"
Со цел за што поголема присутност за време на "Трофејот", раководството на КФМ одлучи во оваа пригода да нема ТВ преноси од натпреварите.
"ТВ преноси нема да има од причина што во оваа пригода сакаме салата да биде исполнета со оние вистински љубители на кошарката. Таа привилегија 'во живо' да ги видат нашите и ѕвездите од останатите селекции ќе ја имаат само оние со купен билет за турнирот"- потврди Димевски.