НАЈГОЛЕМИ ЛАГИ НА МАКЕДОНСКИТЕ АТЕИСТИ Во последниот месец, се крена на нозе буквално целиот лев дел на македонската интелигенција, натпреварувајќи се кој од нив ќе даде што е можно поголем „аргумент“ против преродбата на религиозниот живот во нашата земја. Еве неколку од нивните лажни тврдења со кои ја замајуваа јавноста во последниве недели, а и со кои ќе се обидат да нѐ замајуваат и понатаму: 1. Цркви не треба да се градат со даночни пари, оти и атеистите плаќаат даноци: ова е нивното најчесто употребувано тврдење кое што им се чини како најсоодветно и најсилно оружје против изградбата на црквите низ земјава, оти мислат дека ако им кажат на луѓето (на даночните обврзници) дека нивните пари се трошат за градење на непродуктивни објекти т.е. цркви, а не на пример за градење фабрики, училишта или патишта и брани, тоа даночните обврзници ќе го видат како фрлање на, нивните со пот спечалени и дадени за даноци, пари во ветер.
Зошто е овој аргумент погрешен и лажен? Многу просто ќе го отфрлиме како бесмислен оти треба само да ја примениме сосема истата логика во другите сектори на трошење на буџетските средства: имено, ако е оправдано да не се трошат парите собрани во вид на данок од атеистите за градење на цркви т.е. објекти кои атеистите воопшто нема да ги употребуваат, тогаш излегува дека е оправдано и парите собрани како даноци од криминалците да не се трошат за финансирање на полицијата, институција за која разбојниците би биле среќни да не постои воопшто.
Исто така, треба да се престане (по атеистичката логика) и со државно финансирање на балетот, операта и музеите, оти, да збориме реално, многу, многу помалку луѓе ги посетуваат тие културни институции, отколку што ги посетуваат црквите. Па зошто тогаш, со парите на „некултурните“ да се финансира културата?
Воедно, во земјава живеат и не мал број пацифисти и противници на војска од секој вид. Дали треба да не ја финансира и нашата армија државата, само за да не ги налути даночните обврзници – пацифисти со тоа што ќе финансира со нивни пари институција која тие не ја сакаат?
Истата логика, ако ја прифатиме за правилна, би предизвикала и да се престане со државно финансирање на училиштата, оти таму учат деца, а некои даночни обврзници и немаат деца. Воедно, и треба да се прекине со финансирање од буџетот на противпожарните единици оти – и пироманите плаќаат данок, зарем не?
Верувале или не, токму овој тип на логика беше едно време применет во пракса во нашата земја, кога владата (под водство на фамозниот & злогласниот Б.Ц) реши дека нема веќе смисла и не е праведно од буџетот да се финансираат водостопанствата и дека оние кои трошат од таа вода, тие треба и да ја плаќаат. Демек, тоа не било општествен интерес, немало смисла луѓето кои немаат ниви да плаќаат за водата на луѓето кои имаат ниви и користат вештачко наводнување.
Знаете сигурно како заврши оваа глупава логика – поради колапсот на водостопанските системи кои сите до последен отидоа во стечај – ние сите плаќавме двојно поскапа храна во изминатава, сушна година.
Замислете само, ако државата не ја финансира МПЦ – колу пари ќе трошиме еден ден за да ги излекуваме илјадниците заведени млади луѓе од некои темни секти? |