Референдум во Летонија за промена на Уставот

Рига, 2 август (МИА)
- Во Летонија денеска се одржува референдум за измените на Уставот гласачите да можат да иницираат распуштање на Парламентот.
За да се смени Уставот на референдум треба да гласаат половина од граѓаните со право на глас - 756.000.
На референдумот ќе бидат отворени 998 избирачки места од кои 951 на територијата на Летонија и 47 во странство.
Според анкетите 85,4 проценти од избирачите ќе ги поддржат уставните промени, 7,3 би гласале „против“, а ист толкав процент изјавиле дека сеуште не одлучиле.
Иницијатор на уставните промени е Унијата на слободни синдикати која минатата година почна да собира потписи за предлогот. И покрај тоа што беа собрани доволен број на потписи на 5 април, Парламентот го отфрли таквиот предлог. Согласно летонските закони, одбиениот предлог треба да биде ставен на референдум.
Причината за иницијативата е во Предлог-буџетот за 2008 година кој беше цел на критики од синдикатите. Како мерка за борба со инфлацијата Владата предложи да се замрзнат платите и да се ограничат социјалните набавки за работниците во државниот сектор. Тоа доведе до масовни протести на наставниците, медицинските лица, полицајците, железничарите, пожарникарите, како и на пензионерите.
ми/9:48