
Присебни пилоти успеаја да ги приземјат безбедно 346-те патници на „боингот 747 - 400“ на кој му се дупнал трупот на височина од 40.000 стапки, додека летал од Хонг Конг до Мелбурн.Кога од трупот на авионот на „Квантас“ се откорнало парче со големина на автомобил, се намалил притисокот во кабината, па џамбо-џетот принудно слетал на Филипините. Додека авионот летал од Лондон до Хонг Конг не биле забележани никакви проблеми. Патниците ја истрпеле декомпресијата без поголеми проблеми, но сите биле престрашени, а некои повраќале.Еден час по летнувањето од Хонг Конг кон Мелбурн, авионот почнал да губи височина, низ кабината почнало да дува и автоматски се спуштиле маските за кислород пред седиштата.Октавио Лима, претставник на аеродромот во Манила изјави дека дупката била со димензии од 2,5 на 3 метри, непосредно пред десното крило на авионот. На пистата низ дупката се гледаше товарот. Некои пакети и торби излетале во лет. Се откорнал и дел од таванот на товарниот оддел, во долната половина на трупот. Инженерите на „Квантас“ вчера се обидуваа да откријат зошто и како се откорнало толку големо парче од трупот.