| Stay Thirsty My Friends!
Регистриран: Jun 2001 Локација: Rochester, NY. Возраст: 33 Популарност:  | Манчо Митевски: Груевски, Ахмети и Тачи ја „возат“ Македонија Тројката „јавачи на избори“, според српскиот терк, им нуди на граѓаните самоизолација наместо Европа Македонија, покрај тоа што долги години беше политичка лабораторија во која меѓународната заедница правеше експериментални проекти, некои успешни, некои неуспешни, полека станува и земја на апсурдот. Американскиот претседател Џорџ Буш и високи службеници од неговата администрација и' помагаат на Македонија да постигне компромис со Грција за името без да и' биде загрозен националниот идентитет. Македонскиот премиер Никола Груевски, пак, заедно со неговите старо-нови партнери Мендух Тачи и Али Ахмети, и без ниту една друга македонска партија, со иницијативата за самораспуштање на Собранието и закажување предвремени избори, како да ја одработуваат агендата на Грција земјава да не влезе во НАТО и во ЕУ, и како последица на внатрешните конфликти да се разнебити.
Поинаку не можат да се протолкуваат мотивите за налудничавата идеја за предвремени избори веднаш и сега, во моментите кога сите пријатели од странство, домашни партии и експерти не' советуваат побрзо да постигнеме прифатлив компромис со Грција, да бидеме примени во НАТО, да ги исполните условите за ЕУ, а кога под тој сигурносен чадор дефинитивно ќе го елиминираме проблемот со опстанокот на државата, можеме да одиме на избори кога сакаме и за што сакаме.
Во оваа македонска политичка агонија во која неправедно беа вплеткани и растревожени најголемиот број од граѓаните на земјата,Владата за алиби го одбра докажуваното дека е оневозможена да работи со целосен капацитет, поради неефикасноста на парламентот кој, наводно, не можел да ја следи нејзината динамика. Премиерот Никола Груевски со оваа теза, која, во режија на контроверзниот спикер Георгиевски, со редењето илјадници листови хартија на говорницата во парламентот, илустративно требаше да ја докаже „носечкиот“ тандем на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорчев-Николовски, практично сакаше да ја изврти вистината во погрешна насока. Имено, парламентарната демократија и постоењето власт и опозиција по дефиниција значат спротивставеност, борба на различни ставови, тежа и противтежа.
Настојувањето на Груевски за „одврзани раце“, со цел да ги спроведува своите проекти, значи заговарање на едноумие и тоталитаризам. Тука е и извртената теза, и извртената вистина. На Груевски и на неговата Vлада рацете треба да му ги одврзи парламентарното мнозинство кое ја поддржува Владата, но и самата коалиција која треба да си ги среди внатрекоалициските релации. Во овие дваесетина месеци владеење, Груевски сам си ги врзуваше рацете, односно му ги врзуваа неговите компањони, со лошите приоритети на Владата, со неквалитетните министерски решенија, со слабиот капацитет за донесување квалитетни закони, во латентните конфликтни состојби и недовербата внатре, меѓу владините коалициски партнери и со арогантниот и непријателски однос кон опозицијата. Но, најголем проблем на vладата и посебно на првиот министер Груевски беше немањето храброст, кога станува збор за врвните државни интереси, да жртвува нешто и од својот личен и партиски рејтинг. Така почна, така функционираше и така ќе заврши.
Без разлика на се', Груевски отсега натаму ќе се препознава по неколку црни петна кои ќе го следат засекогаш. Прво, само тој, Али Ахмети и Мендух Тачи, без платформа, ќе ја „возат“ Македонија во неизвесност. Второ, со приоритетот „избори за останување власт, наместо исполнување услови за влез во НАТО и во ЕУ“, Груевски, Тачи и Ахмети, според српскиот терк, im нудат на граѓаните самоизолација наместо Европа. Трето, свесно или несвесно, Груевски, Ахмети и Тачи со определување за избори, наместо за Европа, и ја одработуваат агендата на Грција, Македонија да се изеде самата себе однатре. |