Во последната студија направена во Британија покажано е дека се намалува возрасната граница кога децата влегуваат во тинејџерски години.
Според испитувањето сега границата е симната на 11 години. Random House Children's Books сметаат дека родителите чувствуваат притисок да им дозволат на своите деца да остануваат до доцна навечер, да пијат алкохол и да преспиваат кај своите момчиња или девојки.
Испитувањето извршено врз 1170 родители покажало дека можеби вината треба да се лоцира и кај родителите бидејќи дозволуваат децата да го изгубат своето детство поради општествениот притисок.
Речиси три четвртини од родителите им дозволуваат на децата да пијат алкохол пред да наполнат 18 години. Дури 45% од родителите им дозволуваат на своите 16-годишни деца да ја поминат ноќта кај своите момчиња или девојки.
Познатата авторка на детски книги, Жаклин Вилсон смета дека мајките не треба да им дозволуваат на своите 12-годишни ќерки да носат провокативна облека: “Не велам дека 12-годишниците не треба да носат интересна облека, но таа треба да им одговара и за играње и поминување на детството во удобни алишта. Се повеќе забележувам дека 6-годишните девојчиња се срамат да играат со кукли.” – додава авторката разочарана од ваквиот начин на однесување.